ВИДЕО: Четири гола на Ѓоргиев, Беласица по 12 години пак во ПМФЛ!

Во идната сезона на Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) „малата“ Струмица за првпат во историјата ќе има два свои претставници. Струмичката гордост Беласица по 12 години повторно се враќа во елитата на македонскиот фудбал, откако попладнево стигна до посакуваната победа и на две кола до крајот од ВМФЛ-Исток и математички избори учество во најквалитетното фудбалско натпреварување на Македонија. 

Нова жртва на разиграните фудбалери на Беласица беше тимот на Кожув, кој на крај загуби со убедливи 6-0 (3-0). Денешниот меч го одбележа и фантастичниот домашен фудбалер Пепи Ѓоргиев кој беше творец на дури четири гола. Првиот го постигна по само три минути игра, а на 2-0 зголеми во 32. минута, додека за високи 3-0 на полувреме се погрижи Митевски, пред самиот судиски свиреж. 

Ѓоргиев во 56. минута со својот трет погодок ја најави голеaдата во мрежата на гевгеличани и во вториот дел. Само четири минути подоцна Здравков зголеми на 5-0, додека точка на мечот стави Горгиев на 10 минути од крајот на мечот. 

На останатите натпревари од ВМФЛ - Исток, Плачковица  беше подобра од Победа Валандово со 8-2, додека Саса со минималец од 1-0 ги освои трите бода против Тиквеш. Утре (недела) на програмата е дербито меѓу Брегалница и Борец, кое ќе го даде патникот во баражот.