Чешка, Данска и Албанија се ривали на У19 селекцијата за место во Елитната фаза

Македонската репрезентација до 19 години ќе игра во групата 5 со Чешка, Данска и Албанија во квалификациите за пласман во Елитна фаза за Европско првенство.

Селекторот на македонската репрезентација до 19 години (генерација 2002.), Шкумбин Арслани смета дека имаме реални шанси да обезбедиме едно од првите две места во групата.

„Групата во која се наоѓаме не е најтешка, но ниту наивна. Противниците се доста сериозни и навистина треба добро да се подготвиме доколку сакаме да минеме во Елитна фаза квалификации. Имаме доста време за анализа и подготовка, а за мене е значајно ние да бидеме максимално подготвени и во полн состав. Данска е фаворит, Чешка игра на домашен терен, но за нас тоа не менува премногу. Ќе ја бараме својата шанса, а целта е да бидеме меѓу двете најдобри репрезентации кои ќе обезбедат место во следната фаза за Европско првенство“, изјави Шкумбин Арслани.

Нашата селекција пласманот меѓу репрезентациите кои ќе играат во Елитната фаза ќе го бара на квалификациски турнир во Чешка од 7 до 10 октомври 2020 година.