• Саше Љолес
Екипата на Наполи им приреди ново непријатно изненадување на своите фанови и загуби со минимални 1-0 (1-0) на гостувањето кај Емполи во 33. коло од италијанската Серија А.
- Емполи - Наполи 1-0:
Домаќините успеаја многу рано да ги израдуваат своите навивачи и го отворија резултатот уште во четвртата минута преку Алберто Чери, кој прецизно биеше со глава и донесе предност од 1-0. Виктор Осимен имаше две солидни прилики бргу да го израмни резултатот, но изостана реализацијата и по првите 45 минути Емполи го задржа минималното водство (1-0).
Наполи скоро комплетно ја презема иницијативата во второто полувреме, актуелниот шампион имаше посед од над 75%, но никако не успеваше да создаде изгледна прилика за погодок. Наполитанците се заканија само уште еднаш во рамките на голот, па поразот на крајот беше неизбежен и Емполи славеше со конечни 1-0.
За Наполи ова беше десетти пораз сезонава и останува на 49 бода, додека Емполи направи голем исчекор кон обезбедување опстанок во елитата и сега делува малку покомотно со 31 бод на 15. позиција на табелата.