Челзи запраша за млада ѕвезда на Лестер, доби едноставен одговор - 100 милиони!

Бен Чилвел

Во период кога има пауза од фудбалски натпревари, клубовите не престануваат да кројат планови за остатокот на тековната, но и за наредната сезона. Пандемијата со коронавирусот спречи нормален финиш и донесе големи дилеми за она што ќе се случува во наредните неколку недели.

Челзи е еден од премиерлигашите кој размислува за засилување на ростерот ова лето. Мислите се насочени кон левата бековска позиција, каде Маркос Алонсо не се изнаигра и не ги задоволи очекувањата на Френк Лампард.

Мета на „сините“ за дефанзивата е членот на Лестер Сити, Бен Чилвел. 23-годишникот потекнува од школата на „лисиците“ и е редовен член на сите младински репрезентации на Англија. Тоа го прави атрактивен за екипа како што е Челзи, кој запраша и доби одговор за тоа што треба да направи доколку ги сака неговите услуги.

Потписот на левиот бек ќе го чини Роман Абрамович сто милиони евра. Толкава е сумата која тимот од „Кинг Пауер“ ја постави за својот талент. 

Алтернатива, доколку финансискиот дел биде проблем за овој трансфер, е Алекс Телес. Бразилецот ги брани боите на Порто, има една година од тековниот договор, а зад себе остава фантастична сезона.