ВИДЕО: Челзи покажа знаци на живот, но не видовме победник на „Енфилд“

Ливерпул и Челзи одиграа 1-1 во дербито на „Енфилд“, резултат што многу повеќе им одговара на домаќините во трката за место во Лигата на шампионите. Тимот на Арне Слот уште повеќе се доближи до обезбедување пласман во европската елита, додека Челзи, иако ја прекина серијата од шест последователни порази во првенството, останува со минимални шанси за висок пласман.

  • Извештај од натпреварот:

Ливерпул поведе уште во 6. минута преку Рајан Гравенберх, кој со одличен удар од работ на шеснаесетникот го совлада гостинскиот голман. Неколку минути подоцна Вирџил ван Дајк пропушти голема можност да зголеми на 2-0. Челзи долго бараше ритам, но во 35. минута стигна до израмнување преку Енцо Фернандез. По прекин, одбраната на Ливерпул лошо постави офсајд замка, а акцијата заврши со погодок што на крајот му беше запишан на аргентинскиот играч.

Во второто полувреме Кол Палмер постигна гол за Челзи, но истиот беше поништен поради минимален офсајд на Марк Кукуреља во почетокот на акцијата. И Ливерпул имаше поништен погодок, кога Куртис Џонс ја затресе мрежата, но претходно Коди Гакпо беше во офсајд. Во финишот најблиску до победа беше Доминик Собослаи, кој ја погоди стативата, а потоа и Ван Дајк ја затресе пречката по корнер.

Челзи од овој резултат може да биде задоволен само од тоа што конечно покажа знаци на стабилизација, особено со враќањето на Рис Џејмс и Леви Колвил во тимот.