Челзи ослабен пред завршницата од борбата за ЛШ

Канте Челзи

Френк Лампард нема да може да смета на Н'Голо Канте во наредните десетина дена. Францускиот интернационалец заработил нова повреда поради која ќе биде надвор од конкуренција на најмалку два или три меча.

Лондончани најпрво му гостуваат на Кристал Палас, па на Шефилд Јунајтед, за наредниот вторник да го пречекаат Норич Сити. Тоа се исклучително важни натпревари за „сините“, кои водат голема борба за пласман во Лигата на шампионите.

„Канте нема да биде со нас поради повреда на тетивата. Се надеваме дека ќе се врати за една недела. Мислам дека ќе бидеме среќни ако биде во конкуренција за дуелот со Шефилд“, изјави Лампард.

Во најдобар случај за Челзи, Канте би бил подготвен за полуфиналето во ФА Купот, кое се игра на 19 јули, а противник ќе биде Манчестер Јунајтед.

Французинот доживеа доста повреди оваа сезона во која одигра само 22 средби.