• Саше Љолес

Екипата на Брајтон на маестрален начин ја одбрани честа на домашниот терен и се избори за убедлива победа над Челзи (3-0) во натпреварот од 25. коло во англиската Премиер лига.
Домашниот тим одлично го започна мечот, тргна силовито и делуваше дека е порасположен од ривалот, но и Челзи имаше свои моменти и опасно циркулираше во воведните минути. Отворената игра на двете страни резултираше со првиот погодок во 27. минута, а стрелец беше Јапонецот Каору Митома, кој донесе водство од 1-0 за Брајтон. Само единаесет минути подоцна гостинската мрежа одново се затресе, овој пат преку Јанкуба Минтех, па така четата на Фабијан Хурцелер водеше со 2-0 на паузата.
„Сините“ од Лондон притиснаа во вториот дел, имаа и над 70 проценти од поседот на топката, но никако не успеваа ниту да упатат шут во рамките на голот. Брајтон одлично се бранеше, а јаловите напади на Челзи не вродуваа со плод.
- Извештај од натпреварот:
На крајот може да се каже дека домаќините апсолутно го надиграа фаворизираниот ривал и сосема заслужено славеа нов триумф, со кој за момент избиваат на осмата позиција со вкупно 37 бода.
За Челзи ова е шести пораз сезонава и останува на 43 бода, а може и да го загуби четвртото место на табелата кога ќе се одиграат останатите мечеви во ова коло.