Челзи има вистински бисер, бројките на Кол Палмер се фасцинантни

Неверојатниот Кол Палмер не престанува со спектакуларните партии што ги прикажува во дресот на Челзи. 21-годишниот Англичанец стана вистински хит кај „сините“ од Лондон и сезонава покажува дека во иднина би можел да биде вистински носител на тимот. 

Неговите бројки се фасцинантни, тој сезонава досега има постигнато 20 голови и девет асистенции, со што се израмни на врвот на листата на стрелците во Премиер лигата, заедно со ѕвездата на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд. 

Сите на Островот сметаат дека Палмер е вистински хит на англискиот фудбал, особено поради фактот што тој не е ни вистински напаѓач, туку повеќе игра на крилните позиции, но очигледно е дека поседува квалитет и за класичен центарфор. Скоро никој не очекуваше таква „експлозија“ од младиот Палмер, вклучително и Пеп Гвардиола, кој се откажа од неговите услуги и му дозволи да замине во Челзи, а сега медумите пишуваат дека шпанскиот стратег можеби погрешил со оваа одлука. 

Во секој случај, Англија добива нова фудбалска ѕвезда, а Кол Палмер сигурно ќе биде меѓу најскапите играчи во лигата и наскоро се очекува голема офанзива од гигантите за неговиот потпис. Се шпекулира дека Реал Мадрид веќе стапил во контакт со „сините“, а понуда во Лондон пристигнала и од германскиот гигант, Баерн Минхен. 

Мали се шансите Палмер да замине во Германија, а наскоро се очекува и потегот на Челзи, кој сигурно ќе сака да го задржи со нов и побогат договор. Во моментов младиот талент заработува нешто помалку од четири милиони фунти годишно, но таа сума наскоро сигурно ќе се зголеми повеќекратно.