Челзи има проблеми на дерби средбите, тежок тест за Лампард на „Кинг Пауер“

Лестер Челзи

Англиската Премиерлига никогаш не била поизедначена. Секако дека неколку екипи и понатаму отскокнуваат со квалитетот, но ситуацијата со вирусот корона овозможи и малите клубови да освојуваат бодови пред празни трибини и во мечеви со противници кои во нормални околности би ги „изеле“ за ужинка.

Кога се говори за кандидатите за титула, на новонастанатата ситуација најлошо се прилагодија Арсенал и Челзи. Рака на срце, „топџиите“ се во пад веќе неколку сезони и само на моменти делуваат како конкурентна дружина, но нивниот градски ривал ниту близу не игра во склоп со огромните вложувања, а за време на летото во англиската елита никој не потроши повеќе пари на нови фудбалери од газдата на „сините“, Роман Абрамович. Неговото богатство се смали од прилика за 250 милиони евра, а најмногу пари се потрошија на полушпицот на Леверкузен, Каи Хаверц (80 милиони евра), напаѓачот на РБ Лајпциг, Тимо Вернер (53 милиони), левиот бек на Лестер, Бен Чилвел (50 милиони), десното крило на Ајакс, Хаким Зијеч (40 милиони) и голманот на Рен, Едуард Менди (24 милиони).

Така, тренерот Френк Лампард ги засили сите линии, но залудно, затоа што Челзи не славеше против ниту еден тим од горната половина на табелата. Затоа сè повеќе се говори за негова смена, а со самото тоа расте и притисокот кој Лампард и неговите фудбалери го трпат од ден во ден, што воопшто не е добро пред гостувањето кај одличниот Лестер, кој цело време се врти околу врвот. Џејми Варди и дружината играат подобро на гости, а Челзи нема загубено на „Кинг Пауер“ повеќе од шест години.