ВИДЕО: Челзи и Наполи гледаат кон четвртфиналето, Валенсија со страв ќе патува во Русија

Трите големи фаворити за освојување на трофејот во Лига Европа - Наполи, Челзи и Валенсија извојуваа домашни победи и се доближија до четвртфиналето на вториот по квалитетет европски Куп. На „Сан Паоло“ во Неапол, ланскиот полуфиналист Салзбург наиде на расположен Наполи, кој по брза постапка веројатно го реши патникот во следната фаза.

Прво име на средбата беше Аркадиуш Милик, кој игра како препороден со доаѓањето на Анчелоти на клупата. Полскиот напаѓач по десетина минути го отвори резултатот, а само осум минути подоцна, по една убава колективна акција, Шпанецот Фабиан Руиз зголеми на 2-0. Австрискиот шампион имаше свои можности пред одморот, но гостинските напаѓачи беа неснаодливи.

Со автотоголот на Жером Онгуен во 58. минута, Салзбург дефинитивно се наоѓа пред невозможна мисија пред реваншот следниот четврток. 

На „Стемфорд бриџ“, Челзи го совлада украинскиот вицешампион Динамо Киев со 3-0 (1-0) со по еден гол во првото и два во второто полувремие. За „сините“ погодија Педро, Вилиан и Хадсон-Одои. По „случајот Кепа“ и поразот во финалето на Карабао Купот, екипата на Маурицио Сари врза четири победи во сите натпреварувања.

На „Местаља“, Валенсија го победи Краснодар со 2-1 (2-0), но постигнатиот гол во гости отвора опции и за рускиот вицешампион пред возвратниот дуел. Родриго Морено со два прекрасни гола во првиот дел најави ново славје за „лилјаците“. Сепак, по одморот Шпанците ги стигна заморот и доминираа гостите. Краснодар креираше неколкушанси пред Нето, а Виктор Клаесен во 63. минута го постигна голот за надеж на рускиот претставник.

Лоша вест за тренерот на Валенсија, Марселињо е повредата на Португалецот Гонзало Гуедеш во второто полувреме.