• Иван Димовски
Фудбалерите на Челзи ќе имаат историска шанса на 28 мај во Вроцлав – доколку го освојат трофејот од Конференциската лига против Бетис, лондонскиот клуб ќе стане првиот што ги има во витрината сите трофеи што ги доделува УЕФА.
„Сините“ веќе се двапати европски шампиони (2012, 2021), имаат ист број титули и во Лигата на Европа (2013, 2019), како и два трофеи од Купот на победници на купови (1971, 1998), плус двоен триумф во Суперкупот на Европа (1998, 2021). Единственото одличје што им недостасува е токму она од Конференциската лига, која се игра по четврти пат.
Имајќи в предвид дека Челзи има многу поголеми амбиции на европска сцена, не е сигурно кога повторно би имал можност да настапи во ова натпреварување. Токму затоа, мечот со Бетис може да биде шанса која не смее да се пропушти за комплетирање на европската колекција.