ВИДЕО: „Чеканите“ го столчија Арсенал во лондонското дерби

Екипата на Вест Хем забележа значајна победа во Премиер лигата и фати приклучок во горниот дел на табелата откако на домашен терен во градското дерби со Арсенал славеше минимално (1-0).

„Чеканите“ ја искористија најзрелата шанса за гол, наспроти Арсенал, кој промашуваше и немаше реализација. За Вест Хем ова е деветта радост во новата сезона од Премиер лигата, додека Арсенал го доживеа петтиот пораз и направи чекор назад во битката за местата кои водат во Лигата на шампионите.

Дуелот почна доста активно, со многу шанси на обете страни. Прво се закани Вест Хем уште во 7. минута преку Ноубл, но Лено одбрани, за потоа, Арсенал да има две шанси во низа преку Лаказете, но и тие останаа нереализирани.

Во малото лондонско дерби се чекаше на нова шанса се до 32. минута, кога повратникот во Премиер лигата, Самир Насри, го пронајде Фелипе Андерсон, а тој шутираше од далечина, но обидот заврши крај левиот дирек. Неколку минути подоцна Гендузи имаше прилика за Арсенал, арно ама и таа остана нереализирана.

На пауза се замина без голови, а дуелот се отвори во 48. минута, кога Самир Насри асистираше до Деклан Рајс, а тој ја смести топката зад грбот на голманот Лено. По примениот гол Арсенал само нижеше шанси, но фалеше реализацијата. Ремзи, Ивоби, Обамејанг има зошто да жалат, затоа што пропуштија убави можности за гол.

Во 85. минута Арсенал конечно го пронајде патот до мрежата на Фабиански, но голот на Пјер-Емерик Обамејанг беше поништен поради офсајд. Вест Хем со победата скокна на осмото место во Премиер лигата, додека Арсенал е петтопласиран.