• Мартин Танасковски
Младиот аргентински фудбалер Матијас Суле, кој настапува за италијанска Рома, размислува да ја прифати можноста да игра за репрезентацијата на Италија, доколку не добие повик од националниот тим на својата матична земја, Аргентина.
22-годишниот Суле е роден и израснат во Аргентина, каде што ги направи своите први фудбалски чекори, но професионалната кариера ја започна во Италија како дел од младинскиот состав на Јувентус во 2021 година. Бргу го привлече вниманието на стручниот штаб со својот талент и офанзивна креативност, што му овозможи да дебитира за првиот тим на „старата дама“. За Јувентус одигра 21 натпревар и постигна еден гол, по што беше испратен на позајмица во Фросиноне, каде што дополнително го потврди својот потенцијал.
Минатото лето Суле направи значаен чекор во својата кариера и потпиша договор со Рома. Суле блеска во новата средина, во првите шест кола од Серија А постигна три гола и забележа две асистенции, со што стана еден од најважните играчи во офанзивната линија на „волчицата“. Благодарение и на неговиот придонес, Рома по шест кола има освоено 15 бодови и се наоѓа на второто место на табелата, веднаш зад Наполи, кој има ист број бодови.
Иако Суле настапувал за младинските селекции на Аргентина до 16 и до 20 години, неговите италијански корени му овозможуваат право на италијанско државјанство, а со тоа и можност да настапува за „аѕурите“. Италијанските медиуми веќе шпекулираат дека селекторот Џенаро Гатузо внимателно ја следи неговата форма.
Во Аргентина, пак, ситуацијата е поинаква, причината е огромната конкуренција во нападот и присуството на ѕвезди како Меси, Ди Марија и Мартинез, кои ја отежнуваат шансата за место во националниот тим.

