Чех се најде на списокот за настап во ПЛ, Лампард не им верува на голманите?

Екипите од Премиер лигата константно ги обновуваат списоците за настап на играчите во едно од најсилните првенства.

Челзи се реши за интересен потег, со кој делумно ги израдува своите фанови. Имено, на списокот од 25 играчи со право за настап во лигата, Лампард го смести и легендарниот голман Петр Чех, кој сега работи како технички консултант во клубот. 

„Петр Чех беше вклучен во составот како голман за вонреден случај. Ова е претпазлив чекор, поради непредвидливата состојба со вирусот ковид-19. Тој ќе ја заземе позицијата на играч без договор“, стои во соопштението на Челзи. 

Лампард на располагање ги има тројцата голмани Кепа Аризабалага, Едуард Менди и Вили Кабаљеро, па не се очекува Чех да добие шанса меѓу стативите, туку тоа е само претпазливост, како што е наведено во соопштението. 

Ситуацијата на голот на Челзи е критична во последниот период, каде Кепа и Кабаљеро не се сигурни опции, а Менди имаше мала повреда, па фановите со раширени раце би го дочекале голманот кој се прослави на „Стемфорд Бриџ“.