Чеферин загрижен пред Европското првенство во Германија: Светот полуде

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, изрази загриженост за безбедноста на претстојното Европско првенство во Германија, велејќи дека „светот полудел“.

Европското првенство ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули во Германија, во време на два крвави воени конфликти во кои учествуваат членките на УЕФА - Русија, Украина и Израел.

Во интервју за британски Телеграф, Чеферин вели дека пласманот на Украина или Израел преку баражот во март ќе даде дополнителна димензија на заканата по безбедноста.

„Во овие луди времиња, каде што геостратешки полуде светот, најголемата грижа е безбедноста“, рече Чеферин и додаде дека УЕФА е многу возбудена поради претстојното натпреварување и ја поддржа Германија да биде добар организатор.

Тој вели дека веќе во два наврати се сретнал со министерот за внатрешни работи на Германија.

„Мојот страв не е поврзан само со стадионите. Затоа што сум сигурен дека стадионите ќе бидат соодветно заштитени. Но, навивачите ќе бидат насекаде низ градовите. Да бидеме оптимисти. Сепак мислам дека сè ќе биде во ред со поддршката на германските властите, кои се решени да ни помогнат“, истакна Чеферин.

Чеферин рече дека Русија сè уште е суспендирана додека трае војната во Украина, но дека сака да се ублажи казната за помладите категории, за да се избегне „перење мозок“ на руските деца за да го мразат Западот и да бидат казнети за нешто за што не се виновни.