Чеферин за СП на две години: Скапоцениот камен на ФИФА има вредност поради реткоста  

Александар Чеферин, претседателот на УЕФА, не е одушевен од идејата на челните лица на ФИФА, најголемиот фудбалски настан на планетата - Светското првенство да се одржува на секои две години.

„Не е секогаш подобро. Скапоцениот камен на ФИФА како што е Светското првенство има вредност поради неговата реткост. Секоја втора година за Светското првенство би значела помал легитимитет и би го разводнила целото натпреварување“, рече Чеферин.

Оваа иницијатива дојде од Фудбалската федерација на Саудиска Арабија, а на конгресот на Интернационалната фудбалска федерација беше потврдено дека ќе се разгледува оваа идеја, според која, наместо на секои четири, Светското првенство за фудбалери ќе се игра на две години. Дури 166 членови беа за започнување на студија која ќе донесе заклучоци за предлогот, додека против беа само 22.

ФИФА претходно одобри зголемување на бројот на учесници на Светското првенство на 48 репрезентации, наместо досегашните 32, што ќе стапи на сила во 2026 година.