Чеферин: УЕФА се подготвува за финале на ЛШ пред полн стадион

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин во разговор со словенечките медиуми зборуваше за предизвиците со кои се соочува Европската куќа на фудбалот, за пандемијата на коронавирусот што го зафати светот на спортот, но и за најавената Суперлига.

Чеферин вели дека нема да има промена на европските натпреварувања до 2024 година, бидејќи дотогаш правата се продадени. Сепак, после тоа може да се појават одредени промени.

„Нема да играме за време на викендите со цел да ја задржиме вредноста на домашните шампионати, но се разгледува малку поинаков, поинтересен систем, кој ги вклучува сите земји. Сонот за учество во Лигата на шампионите ќе биде реален за сите екипи како порано", рече Чеферин.

Потоа се осврна на идејата за Суперлига.

„Суперлигата е сон на Флорентино Перез во последните 30 години, од времето кога не ни бев во фудбалот. Двајцата главни кандидати за претседател на Барселона јавно се изјаснија против ваквиот формат, а Баерн, Јувентус и англиските клубови се против Суперлига. Затворената конкуренција е идеја и желба на оние кои не се грижат за остатокот од фудбалот. Луѓето кои гледаат фудбал само од денес до утре", јасен е Чеферин.

Коронавиус ги наруши спортските натпреварувања, минатата сезона во Лигата на шампионите заврши со турнир на најдобрите осум во Лисабон, за првпат во историјата. Судејќи според најавата на Чеферин, не можеме да очекуваме вакво финале и оваа сезона.

„Ќе видиме како ќе помине вакцинацијата. Се подготвуваме финалето на Лигата на шампионите да се игра како и претходните години, пред полн стадион. Се разбира, под претпоставка дека дотогаш ситуацијата со коронавирусот ќе се стабилизира", оптимист е Чеферин.

Турскиот главен град, Истанбул, кој требаше да биде домаќин на финалето во сезоната 2019/20, ќе биде домаќин во јуни 2021 година.