Чеферин: ЕП и СП се посебни, Мундијал на две години ќе го убие фудбалот

Откако во јавноста се појави идејата за Светско фудбалско првенство да се игра на секои две години, реакции пристигнаа од сите страни на планетата. Меѓу оние кои се против идејата е и првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин. 

„Играњето турнир кој трае по еден месец по крајот на секоја сезона е убиство за фудбалерите. Вредноста на Европските и Светските првенства е во тоа што се игра на четири години и се создава нетрпение. Мундијалот на секои две години би го убил фудбалот, а ние сами ќе одлучуваме дали ќе учествуваме. Фудбалските сојузи во Европа се противат на таквите планови, кои ќе нанесат голема штета на домашните првенства, а тие се темел на фудбалската индустрија. Нови натпреварувања, обновени или проширени на клупско и репрезентативно ниво не се решение за моменталнире проблеми, во веќе и така полниот календар“, смета Чеферин.

УЕФА веќе еднаш ја покажа својата моќ за натпреварувања кои не се по нивна волја. Заедно со притисокот на јавноста, годинава експресно го запре проектот за клупска Суперлига, па може да се верува дека ќе се спротивстават и на новата идеја за Светското првенство.