Чави: Дембеле и уште неколку фудбалери можеби го играат последниот меч за Барса

Во пресрет на последното коло во Примера, тренерот на Барселона, Чави Хернандез пред новинарите зборуваше за потенцијалните заминувања од клубот во летниот преоден рок.

Барселона дефинитивно ќе се раздели со неколку првотимци, а еден од оние кои утре најверојатно ќе го одигра последниот натпревар во дресот на каталонскиот клуб е и Осман Дембеле. Ова го потврди и Чави, но истакна дека Дембеле не е единствениот во таква ситуација.

„Можно е ова да му биде последен натпревар. Истото може да биде и со уште неколку други играчи... Можно е да го продолжи договорот. Тој е важен играч, ми се допаѓа и сум оптимист. Се надевам ќе ја продолжи соработката со клубот“, изјави Чави.

Веќе подолг период се зборува и за заминување на Френки де Јонг. Чави е јасен што се однесува до Холанѓанецот, а потоа проговори и за евентуалното доаѓање на Роберт Левандовски.

„За мене тој е многу важен играч. Мислам дека може да биде многу важен оваа ера на клубот. Ќе видиме што ќе се случи со него.

Да, Левандовски е една од опциите. Не можевме да си ги дозволиме Мбапе или Халанд, иако сакавме. Сепак, мора да гледаме напред и сакаме играчи кои ќе ни донесат напредок", додаде Чави.

Во последното коло во Примера, Барселона ќе се сретне со Виљареал, дуел кој се игра в недела со почеток од 20:00 часот.