Чалханоглу: Интер е поголем клуб од Милан, Ибра бара само внимание

Фудбалерот на Интер, Хакан Чалханоглу во разговор за италијанските медиуми зборуваше за својот поранешен клуб. Минатото лето Турчинот како слободен агент прејде од редовите на Милан во лутиот ривал, ги налути фановите и беше критикуван. Поради тоа, Чалханоглу беше исвиркан и навредуван од страна на „росонерите“, а сега реши да ја прокоментира ситуацијата. 

„Поддршката на фановите многу ми помогна, играв за Милан четири години и никогаш навивачите не го скандираа моето име. Интер е многу поголем тим од Милан. Го загубивме дербито по 75. минути игра, откако Перишиќ и јас бевме заменети. Водевме со 1-0 и потоа загубивме, тренерот имаше удел во тој пораз,. Јас му го кажав тоа“, изјави Чалханоглу. 

Меѓу другото, турскиот плејмејкер се осврна и на Златан Ибрахимовиќ и го критикуваше неговото однесување. 

„Тој има 40 години, јас не би правел нешто такво, нема 18... Секогаш сака да е во центарот на вниманието. Оваа година Златан не придонесе за скудетото на Милан, едвај играше. Сепак, прави сè за да привлече внимание“, заврши Турчинот. 

Чалханоглу во 2017 година дојде во Милан од Баер Леверкузен. Иако не играше на нивото, во последните години успеа да ја крене формата и потоа прејде во Интер, со цел да се бори за титули, а на крајот на минатата сезона Милан го освои скудетото.