• Горан Упале

Анте Чачиќ, новиот тренер на Динамо Загреб, ја коментираше ждрепката за второто квалификациско коло во Лигата на шампионите. Освојувачот на шампионскиот трофеј во Хрватска во оваа фаза од клупската елита го чека подобриот од дуелот меѓу нашиот Шкупи и Линколн Ред Имс.
Искусниот стратег вели дека Шкупи ќе биде потешкиот ривал за неговите избраници, пред сè заради тренерот на македонскиот шампион Гоце Седлоски, кој е и поранешен играч на „модрите“.
„На ждрепката не може да се влијае. На секој тим ќе пристапиме на начин што не го потценуваме и да го доведеме тимот во оптимална кондиција на овие натпревари. Сигурно е дека Динамо е многу подобар и има подобар играчки кадар, но мораме напорно да работиме.
Ниту еден противник не е лесен ако го потцените, но мислам дека Шкупи би бил потежок противник. Гоце Седлоски нè познава и секако дека ќе направи сè за да ни ги отежни работите. Повторувам, не е важно кој ќе дојде кај нас како ривал, важно е да бидеме вистински“, рече искусниот стратег.
Првиот натпревар меѓу Шкупи и Линколн ќе се одира на 5/6 јуни, а реваншот е закажан за 12/13 јули. На првата средба чаирчани ќе бидат домаќинит во Скопје.