• Зоран Мишевски

Баерн Минхен нема решение за Чаби Алонсо и неговите „фармацевти“. По ланските два натпревари во Бундеслигата (победа и реми за шампионот од Леверкузен) и оние 1-1 од првенствениот дуел во Минхен пред два месеци, првакот на Германија зеде уште еден голем скалп. Дваесеткратниот освојувач на Купот на Германија, Баерн Минхен, загуби со 0-1 (0-0) на „Алијанц Арена“ во осминафиналето на најмасовното натпреварување. Ова е прв пораз за Винсент Компани од германски ривал по преземањето на кормилото на најтрофејниот германски клуб.
Моментот на одлука се случи во 17. минута, кога капитенот на Баерн, Мануел Нојер заработи црвен картон заради прекршок надвор од шеснаесетникот. Во својот 877 натпревар во кариерата Нојер го доби првиот црвен картон. Од тој момент Перец застана меѓу стативите, а Баерн ја загуби превласта која ја имаше на почетокот од натпреварот.
Иако играа со фудбалер помалку Баварците во финишот на првиот дел имаа неколку шанси. По прекините на Кимих се заканија Коман и Ким, но на одмор се замина без голови. По тактичкиот старт на второто полувреме, моментот на одлука дојде кога Чаби Алонсо го внесе својот „џокер“. Натан Тела влезе во игра и се „поклони“ по центаршутот на Грималдо за 0-1 во 69. минута.
Компани ги внесе Тел и Олисе, панично напаѓаше, но гостите се одбранија. Џонатан Тах одигра феноменален натпревар, а Французинот Олисе не ја реализира последната шанса во 94. минута. Во судиското надополнување Фримпонг ја погоди стативата од голот на Перец.
Попладнево Арминија Билифилд и Штутгарт се изборија за четвртфинале, а вечерва им се приклучи и Вердер со победата против Дармштадт со 1-0. Преостанатите четири натпревари од осминафиналето се играат утре.