Чаби Алонсо го потврди заминувањето: Минав прекрасни моменти во Леверкузен

Чаби Алонсо дефинитивно го напушта Баер Леверкузен и ќе има нов тренерски предизвик во кариерата. Информацијата ја соопшти на прес-конференција, на која изрази голема благодарност до управата на „фармацевтите“ и искажа огромна почит за навивачите на клубот. 

„Се договоривме со управата дека овие два натпревари ќе бидат мои последни на клупата на Леверкузен. Го чекавме вистинскиот момент за да ја соопштиме информацијата, не сакавме да брзаме во моментите кога уште се боревме за нова титула. 

Последниот натпревар на домашен терен ќе го искористиме за збогување со навивачите, а исто така ќе заминат и неколку играчи чии договори истекуваат. Овие денови ќе бидат исполнети со многу емоции, но знам дека сите ќе бидеме горди и задоволни. 

Минавме прекрасни моменти заедно, ја донесовме титулата во клубот и ги направивме среќни нашите навивачи, за кои имам само неизмерна почит. Ви благодарам на сите за поддршката и за прекрасниот прием“, изјави Алонсо. 

Заминувањето на Алонсо од Германија може веднаш да се поврзе со неговиот премин во Реал Мадрид, кој беше долгонајавуван во изминатите месеци. Иако уште нема официјална потврда, се очекува Шпанецот да ги преземе „кралевите“ веднаш по завршувањето на сезоната, кога ќе замине Италијанецот Карло Анчелоти. 

Алонсо се докажа како еден од најдобрите европски тренери во моментов. Минатата сезона оствари историски успех со Баер Леверкузен и ја донесе првата шампионска титула во историјата, а воедно играше и финале во Лига Европа, каде беше поразен од екипата на Аталанта.