Чаби Алонсо „ги отвори картите“ за трансфер-плановите на Челзи

Менаџерот на Челзи, Чаби Алонсо, откри дел од плановите на клубот за летниот преоден рок, при што најголемо внимание привлече статусот на Енцо Фернандез и Алехандро Гарначо.

Аргентинскиот репрезентативец Енцо Фернандез во изминатиот период се поврзуваше со трансфер во Реал Мадрид, но Алонсо порача дека сака играчот да остане на „Стемфорд Бриџ“, особено по денешниот трансфер на Андреј Сантос во Манчестер јунајтед.

„Разговарав со Енцо. Верувам дека разбирате зошто треба да остане меѓу нас. Не сакам јавно да зборувам за тие разговори. Можам само да кажам дека сакам да остане со нас“, изјави Алонсо.

За разлика од Фернандез, иднината на Алехандро Гарначо е неизвесна. Според шпанскиот стратег, постои сериозен интерес од повеќе клубови.

„Има многу заинтересирани клубови за Гарначо. Се надеваме дека сè ќе заврши на најдобар можен начин за сите страни“, рече тренерот на Челзи.

Алонсо потврди и дека Николас Џексон ќе добие нова шанса и ќе отпатува со тимот на подготовките во Азија.

„Николас Џексон ќе ни се приклучи на турнејата низ Азија и со нетрпение очекуваме да работиме со него“, додаде тој.

Во меѓувреме, Челзи е подготвен да се раздели и со неколку дефанзивци кои немаа значајна улога минатата сезона, меѓу кои Беноа Бадијашил, Аксел Дисаси и Тосин Адарабиојо.

Клубот веќе остана без Марк Кукуреља, кој се пресели во Реал Мадрид, а како негова замена Алонсо го посакува Пеп Ечеварија од Рајо Ваљекано. На десната бековска позиција веќе пристигнаа Палестра од Аталанта и Џовани Квенда од Спортинг Лисабон, па доколку пристигне соодветна понуда, можно е да замине и Мало Густо.