Центарот за јавно здравје ќе обезбеди 400 теста за ковид-19 при продолжување на ПМФЛ

На денешниот состанок меѓу челните лица на ФФМ и претставниците од клубовите во ПМФЛ, закажан беше говор на епидемиологот др. Жарко Караџовски, кој е член на Центарот за јавно здравје. 

Стручњакот најави дека ќе има мали промени во безбедносниот протокол, доколку одлуката биде да се продолжи првенството, а Центарот за јавно здравје ќе обезбеди 400 тестови за ковид-19, кои би се правеле пред евентуалниот рестарт. 

„Институтот за јавно здравје ќе обезбеди 400 тестови за ковид-19. Во однос на првично предложените здравствени протоколи ќе има и мали измени. Се разбира, сето тоа доколку ФФМ одлучи да го продолжи првенството. Тестовите на фудбалерите би им се направиле пред продолжението на првенството“, нагласи Караџовски.

Од денешниот состанок меѓу другото се очекува и повеќе информации околу ставовите на клубовите и ФФМ околу продолжението на сезоната. Одлуката за разврската во ПМФЛ треба да биде донесена до понеделник (25 мај), до кога УЕФА даде рок на федерациите.