Целосен колапс на Суперлигата. Барселона го напушти проектот во кој останува само Реал

Барса со тоа го завршува своето учество во проектот од дванаесет клуба, кој беше создаден во 2021 година со намера за реформирање на континенталниот фудбал, а кој беше проследен со силен институционален и социјален отпор од самиот почеток. 

Фудбалските фанови реагираа со презир на проектот во кој клубовите нема да играат според резултатите, туку според богатството и принципот на затворено општество. Суперлигата беше и директен напад врз Лигата на шампионите, па затоа дванаесетте клуба жестоко ја нападнаа и УЕФА.

Барселона не ги објаснува деталите за причините за одлуката за повлекување од Суперлигата, но истакнува дека известувањето веќе е официјално доставено до сите вклучени страни. Со овој потег, клубот, предводен од претседателот Жоан Лапорта, конечно се усогласува со постојната натпреварувачка рамка на европскиот фудбал, фокусирана на натпреварувања под покровителство на УЕФА. Барселона затвора поглавје кое предизвика бројни дискусии во клубот и воопшто во последните години. Така, од дванаесетте клуба што ја основаа Суперлигата, само Реал остана во неа.

Основањето на Суперлигата беше објавено на 18 април 2021 година. Потоа следеше невиден отпор кон проектот од навивачите на клубовите основачи, жестоки протести и негодување од фудбалската јавност. Во рок од три дена, сите шест англиски клубови, како и Атлетико, Интер и Милан, се повлекоа од проектот.

Половина година подоцна, Реал, Барселона и Јувентус објавија дека ќе продолжат со проектот. Сепак, на 1 јуни 2024 година, Јувентус го напушти, а денес и Барселона. Така, Реал остана единствениот член на Суперлигата.