Целата заработка од УЕФА, сопственикот на Олимпијакос ја дава како премија на тимот!

Фудбалерите на Олимпијакос испишаа историски успех и првпат во својата историја освоија европски трофеј. 

За освојувањето на трофејот во Конференциската лига, грчкиот тим од УЕФА доби околу три милиони евра, а за целокупниот пат низ натпреварувањето вкупно околу пет. Поради тоа, сопственикот на клубот Вангелис Маринакис реши целосната заработка од Европската куќа на фудбалот да ја даде за премии. 

„Лудиот сан стана реалност. За нашиот Олимпијакос, за нашата Пиреја, за нашата Грција. Сакам сите да уживаат во ова. Нашите играчи, нашиот голем тренер и сите кои ни дадоа сила. Да продолжиме да сонуваме и да ги исполнуваме соништата, да живее Олимпијакос“, кажа првиот човек на клубот.

Одлуката на Маринакис е да подели премии на играчите и стручниот штаб во висина од пет милиони евра, колку што Олимпијакос добива од УЕФА.