Цел живот беа заедно, а денес ќе се борат за 190 милиони евра и влез во Премиер! 

Попладнево ќе го дознаеме и последниот патник во Премиер лигата за следната сезона, откако на легендарниот „Вембли“ во финалето на плеј-офот на Чемпионшип ќе се сретнат екипите на Дерби Каунти и Астон Вила. 

Двете екипи кои во минатото оставија длабоки траги во елитата на англискиот фудбал беа аутсајдери во полуфиналињата против Лидс и ВБА, но на крај на херојски начин успеаја да обезбедат меч кој и официјално ќе стави крај на англиската фудбалска сезона. 

Веќе неколку години наназад овој дуел го нарекуваат најскапиот во историјата на фудбалот, а причината за тоа е сумата на пари која ќе ја добие победникот. Овој пат Дерби Каунти и Астон Вила ќе се борат за неверојатни 190 милиони евра.

Но, покрај овој податок, денешниот дуел ќе биде во знакот на големите пријатели Френк Лампард и Џон Тери. Двете англиски легенди од најрани години ја делеа соблекувалната, најпрво во Вест Хем, а потоа во Челзи, каде поставија темел на понатамошните успеси на „сините“. 

Лампард е менаџер на Дерби, додека Тери е асистент на Дин Смит. Од регуларниот дел на сезоната на Чемпионшип пласман во Премиер лигата обезбедија Норвич и Шефилд Јунајтед, додека од елитата испаднаа Кардиф, Хадерсфилд и Фулам.