ВИДЕО: Ц. Звезда разочара во Литванија, херојско реми на косовски Фероникели во Велс! 

Херојска завршница на косовски Фероникели, очајно издание на Црвена Звезда, како и возбудливо реми во Луксембург е епилогот од вечерашните натпревари од првото квалификациско коло од Лигата на шампионите. 

Ланскиот учесник во групната фаза на елитното натпреварување им приреди големо разочарување на своите фанови, затоа што иако беше голем фаворит на гостувањето кај Судова, од Литванија си замина со непопуларно реми од 0-0. Така по една седмица црвено-белиот тим од Белград ќе мора да се вади на „Маракана“ доколку сака да го продолжи сонот за ново учество во групната фаза. 

Велшкиот шампион, Д Њу Сеинтс со головите на Грег Драпер во второто полувреме го скрши отпорот на косовски Фероникели, но сепак, со наведнати глави го напушти мечот пред својата публика, затоа што Зека и Фазлиу во самиот финиш донесоа херојско реми за својот тим од гостувањето во Велс (2-2)

Од вечерашната програма на првото квалификациско коло за Лигата на шампионите највозбудливо беше во Луксембург, каде домашната екипа на Дуделанж прокоцка водство од 2-0 и на реваншот во Малта против Балета патува со реми од 2-2. 

Повратните натпревари од првото коло на програмата се следната седмица.