ВИДЕО: Црвена Звезда му даде ПЕТ гола на Каират и продолжува во ЛШ!

Екипата на Црвена Звезда со доминантна победа од пет гола (5-0) над Каират Алмати го продолжува патот во Лигата на шампионите и патува во третото квалификациско коло во фудбалската елита.

Белграѓани одиграа феноменален натпревар на домашен терен, а ривалот на стадионот „Рајко Митиќ“ немаше што да бара. Доминираа фудбалерите на Станковиќ, па со пет гола во мрежата на противникот ја надополнија негативата од Казахстан (1-2) и патуваат во следната квалификациска рунда

Уште во 9. минута Катаи го отвори резултатот, а во 21. минута Драговиќ го проигра Диони, а тој зголеми на 2-0.

Пред финишот на првото полувреме Катаи со вториот гол донесе 3-0, а Ивањиќ и Фалко во 49. и 56. минута го комплетираа фестивалот на голови и ѝ ја донесоа најубедливата победа на Црвена Звезда оваа сезона.

Црвена Звезда во следната фаза од Лигата на шампионите ќе игра со молдавски Шериф Тираспол, кој со 3-1 во реваншот го совлада ерменски Алашкерт.

На останатите натпревари, Олимпијакос со победа кај Нефчи во Баку (0-1) се чекира понатаму, Клуж очекувано беше подобар од гибралтарски Линколн Ред Импс (2-0), ПСВ ја потврди доминацијата против Галатасарај (2-1), Лудогорец ја исфрли Мура (3-1), а Јанг Бојс во меч со пет гола беше подобар од Слован Братислава (3-2).

Најнеизвесниот меч го одиграа Митјиланд и Селтик. Првиот меч заврши 1-1, реваншот во Данска исто така беше 1-1, а во продолженијата, данскиот тим се избори за гол на Онидејка во 94. минута, доволен за пласман во третата квалификациска рунда.

ПАРОВИ ВО ТРЕТОТО КОЛО НА ЛШ

Динамо Загреб - Легија
Клуж - Јанг Бојс
Олимпијакос - Лудогорец
Ц. Звезда - Шериф Тираспол
Малме - Ренџерс
Ференцварош - Славија Прага
ПСВ - Митјиланд
Спартак Москва - Бенфика
Генк - Шахтјор Доњецк
Монако - Спарта Прага