Бунт поради Меси, фановите од Хонг Конг бараат ТВ-бојкот на Интер Мајами

Фудбалските вљубеници од Хонг Конг не престанаа да се жалат откако останаа разочарани кога сфатија дека Лионел Меси нема да се појави на теренот на пријателскиот натпревар против екипата на Интер Мајами. 

Домашниот тим беше составен од најдобрите играчи во лигата, стадионот беше преполн и сите го очекуваа „малиот волшебник“, но Меси не истрча на теренот и тоа предизвика бурни реакции. Веројатно 90% од посетителите дојдоа да го видат светскиот шампион и можеби најдобриот фудбалер на сите времиња, но откако останаа со „празни раце“, следуваше жесток бунт кон организаторите. 

По мечот беше објавено дека Меси не играл поради мала повреда, а конечната одлука ја дал тренерот Херардо Тата Мартино. Реакцијата на фановите во Хонк Конг доаѓа откако Аргентинецот играше за Интер само три дена подоцна во Токио, на контролниот меч со Висел Кобе. Тие се лути што платиле скапи билети, но не го добиле посакуваното задоволство, а дел од нив одат дотаму што бараат од државата да престане да ги емитува натпреварите на тимот од Мајами. 

Организаторите се обидуваат да ја „спуштат топката“ и веднаш објавија дека на сите ќе им бидат вратени 50% од парите за влезниците, но очигледно и тоа не ги задоволува разочараните фанови. Мала е веројатноста дека Кина ќе престане да ги емитува мечевите од американската МЛС лига, но во секој случај, очигледно е дека Лионел Меси во моментов не е меѓу омилените ликови во најголемата држава на светот.