• Иван Димовски

Со натпреварот меѓу Ајнтрахт Франкфурт и Баерн Минхен, ќе се крене завесата на сезоната 2022/23 во Бундеслигата, но и во најсилните пет лиги на Европа. Германците први повторно ќе го почувствуваат натпреварувачкиот жар, нешто порано од стартот на возбудувањата во Премиер лигата.
Иако се случија многу промени во екипите, промена во рамнотежата на лигата веројатно нема да има. Баерн Минхен одново како огромен фаворит влегува во нова сезона во Бундеслигата. Ништо не навестува дека десетгодишната доминација на баварците ќе прекине оваа година, пред сè гледајќи го трансфер пазарот, но и објективно играчкиот кадар на екипите.
Баерн го загуби Роберт Левандовски, но и Борусија Дортмунд остана без услугите на Ерлинг Халанд. Клубот од Минхен го доведе Садио Мане, Нагелсман има многу опции во нападот, но остана без класична деветка. Во клубот пристигнаа Де Лихт, Тел, Гравенбех, Мазрауи, што се само адиција на и онака силниот колектив. Од друга страна и „милионерите“ го загубија Себастијан Але, скапоценото засилвуање на кое му беше дијагностициран рак. Во Борусија се засилија со младиот Зуле, Адејеми и Шлотербек, како и неколку поефтини трансфери.
Во останатите клубови, трансфери од висок калибар речиси и немаше. РБ Лајпциг се засили со левиот бек Давид Раум за 26 милиони евра, Хофенхајм го купи дефанзивецот Нсоки за 12, Ајнтрахт го откупи Хауге за десет...
Така, според трансферите на клубовите, но и актуелниот играчки кадар, се очекува нова доминантна сезона на Баерн Минхен. Ако Борусија Дортмунд со Халанд претставуваше опасност барем половина сезона, сега изгледа дека нема да може да додржи ниту дотогаш. Сепак, не смее да се отпише ниту една екипа, ама едноставно невозможно е да се предвиди дека некој ќе го детронизира клубот кој освојувањето на Бундеслигата го има во крвта.