ВИДЕО: „Бум-бум“ Бесарт ја изрешета Победа, Струга тргна со триумф!

Екипата на Струга Трим Љум со победа ја отвори новата сезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Избраниците на Срѓан Захариевски ја совладаа Победа (3-0) во првиот натпревар од кам-бекот во фудбалската елита.

Уште на првиот меч се покажа дека стружани ќе имаат главен адут во Бесарт Ибраими, затоа што искусниот напаѓач блескаше и со два гола донесе триумф за својата екипа. Победа беше инфериорна во поголемиот дел од мечот и ако се согледаат сите настани, заслужено се враќа со празни раце од гостувањето кај езерото и бодови ќе бара во следните кола.

Од почетокот на натпреварот домаќинот беше тој кој диктираше темпо и креираше шанси. Во 5. минута Мухарем излезе пред голманот Тофиловски, но искусниот чувар на мрежата одлично ја сочува својата мрежа. Подоцна, две шанси во две минути, во 23. и 24. минута имаа Муарем и Ибраими, но мрежите мируваа. Прилепчани првпат се заканија во 38. минута преку Наумоски, ама Радиќ го блокира шутот, па пред крајот на првиот дел падна и првиот гол. Бесарт Ибраими и Укпа комбинираа, а најистурениот играч стрела во мрежата на Тофиловски.

На паузата Струга ТЉ замина со еден гол предност (1-0), па Победа на Бабунски тргна поактивно во вториот дел и имаше шанса да израмни преку Мазари кој биеше од шеснаесетина метри, ама Ќосевски изби со парада во корнер. Во 46. минута Мерџани ја стресе пречката од голот на Победа, потоа се обидоа Мухарем и Ибраими пак, за Бесарт да стави точка на натпреварот во 64. минута со еден одличен погодок од далечина.

Во продолжението од мечот, Бесарт Ибраими имаше уште три убави шанси да комплетира хет-трик, но не беше прецизен. Се играше самиот финиш на мечот крај езерото, кога нововлезните Малески и Јусуфи комбинираа за 3-0. Првиот беше асистент, вториот стрелец. Струга во следното коло гостува кај Брегалница во Штип, додека Победа го игра првиот домашен меч против Тиквеш.