• Горан Упале
Легендарниот голман на Јувентус, Џанлуиџи Буфон, за француски „Л'Екип“ истакна дека е горд што 15 години го носи дресот на италијанскиот гигант. Италијанскиот голман дури ги одби сите трансфери во моментите кога „старата дама“ се наоѓаше во криза и поради аферата „Калчополи“ играше во Серија Б.
„Верен му сум на Јувентус, бидејќи ценам одредени животни вредности. Сите во клубот, вклучувајќи ги навивачите и фудбалерите секогаш беа коректни кон мене, а се разбира и јас кон нив. Се трудам да бидам смирен после грешките, бидејќи тие се дел од фудбалот. Кога ќе киксирам одеднаш сите говорат дека сум катастрофа и дека сум стар и бавен. Лесно им е на сите да ме критикуваат, бидејќи имам 38 години, но јас исто работам како кога имав 25“, вели Буфон.
Буфон во 2001 година премина во Јувентус од редовите на Парма за тогашен рекорд од 53 милиони евра, а како што стојат работите се чини дека својата кариера ќе ја заврши во Торино.