• Саше Љолес
Легендарниот Џанлуиџи Буфон смета дека ангажманот на Џенаро Гатузо бил исправна одлука, и покрај тоа што Италија под негово водство не успеа да се пласира на Светското првенство.
Славниот голман, кој по неуспехот ја напушти функцијата шеф на делегацијата на италијанската репрезентација, истакна дека и понатаму стои зад одлуката да го поддржи својот поранешен соиграч од шампионската генерација од 2006 година.
„За мене тоа се покажа како многу добра одлука. Јас сум еден од ретките Италијанци кои преземаат одговорност, си заминуваат и не се обидуваат по секоја цена да се вратат“, изјави Буфон.
Италија во финалето на баражот одигра 1-1 со Босна и Херцеговина, а потоа загуби со 4-1 на пенали, со што третпат по ред остана без пласман на Мундијалот. По неуспехот оставки поднесоа Буфон и претседателот на Фудбалскиот сојуз на Италија, Габриеле Гравина.
Буфон откри дека одлуката да се повлече ја донел речиси веднаш по натпреварот.
„Оставката една минута по крајот на мечот со Босна беше моја инстинктивна реакција. Длабоко во себе почувствував дека морам да го направам тоа. Беше спонтано, како солзите и болката во срцето“, рече тој.
И покрај болниот крај на мандатот, Буфон нагласи дека не го променил мислењето за Гатузо и дека тој бил вистинскиот избор за селектор во моментот кога му била дадена довербата.





