Буфон: Останав во Серија Б со Јувентус само поради едно нешто!

Италијанската голманска легенда Џиџи Буфон во интервју откри зошто останал во Серија Б со екипата на Јувентус, иако за неговите услуги биле заинтересирани други големи клубови.

Некогашниот репрезентативец на „аѕурите“ стана светски првак со Италија во 2006 година, но тоа лето Јувентус иако како првак на Серија А, беше исфрлен во понизок ранг поради скандалот Калчополи за наместени фудбалски средби.

„Останав во Јувентус само поради едно нешто, страста за фудбалот и сакав да бидам пример за младите како се сака клуб. Во тој момент, се откажав од многу, затоа што имав 28 години, бев во зенитот на кариерата, тукушто го освоив СП, бев во трка за Златната топка... Ако донесев друга одлука, многу нешта можеа да бидат различни. Тука сум сега и на 42 години, верувам дека тоа е рефлексија на одлуката што ја донесов пред 14 години“, изјави Италијанецот.

Буфон почна во Парма во 1995 година, а во Јувентус замина во 2001 година, каде бранеше до 2018. Потоа, една сезона мина во редовите на ПСЖ, па повторно се врати меѓу „бјанконерите“ и најверојатно таму ќе ја заврши професионалната кариера.