Буфон на чекор до враќање во Парма

Деновиве името на Џанлуиџи Буфон беше поврзувано со многу клубови од целиот свет, откако ветеранот се раздели со ПСЖ по една сезона во Франција и две освоени титули: шампионатот на Лига 1 и Суперкупот на Франција. 

Буфон би можел да се врати во Парма, пишува „Газета дело Спорт“. Во овој клуб еден од најдобрите голмани на сите времиња започна да го гради своето име, дебитираше за репрезентацијата на Италија, го освои трофејот во Купот на УЕФА и со преминот во Јувентус стана најскап светски голман. 

За клубот од „Енио Тардини“, Буфон дебитираше во 1994 година на 17 години и девет месеци, а вкупно одигра 220 натпревари.

Сезоната во ПСЖ ја заврши со 25 настапи, но иако клубот му понуди уште една сезона, Буфон не ја прифати и се одлучи за нова промена.