• Саше Љолес
Добитникот на наградата за, како што рече претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, „најдобар голман во историјата“, Џанлуиџи Буфон, по свечениот момент за време на ждрепката за групната фаза, изјави дека никогаш не сакал да престане со активното играње и ја нарече својата кариера „безвременска“.
Славниот италијански голман доби огромни пофалби и чест од Чеферин, кој рече дека Буфон пред сѐ е прекрасен човек, а потоа и фудбалер. Италијанецот за заблагодари за признанието, уште еднаш ја искажа својата љубов за фудбалот и рече дека сакал засекогаш да биде дел од овој спорт.
„Никогаш не сакав да запрам со играњето фудбал. Телото ми даваше сигнали за се пензионирам, па затоа морав да бидам послушен. Да можев, ќе играв уште десетина години.
Мојата кариера е безвременска, посакувам многу голмани и фудбалери да го доживеат сето она што јас го видов со своите очи“, изјави италијанскиот чувар на мрежата.
Буфон ја заврши кариерата како играч на Парма, клубот каде својата авантура ја финишираше и нашиот Горан Пандев. Италијанецот беше дел од свечената церемонија и ждрепката за Лигата на шампионите.