Буфон: Имам дресови од синовите на Киеза, Турам, Веа, Малдини - сега ги чекам внуците!

Со гол од пенал во 91. минута екипата на Јувентус успеа да остане непоразена на синоќешното дерби од Купот на Италија против големиот ривал Милан. Во рамки од првиот натпревар од полуфиналната фаза, на „Сан Сиро“, Милан имаше водство од 1-0, но Кристијано Роналдо беше прецизен од белата точка и ги постави конечните 1-1, со кои Јуве во Торино ќе брка ново финале во Купот. 

<<< ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Роналдо преку ВАР-пенал го „расплака“ Милан во Куп-спектаклот на „Сан Сиро“

На дуелот во Милано на голот на „старата дама“ блескаше ветеранот Џиџи Буфон, запишувајќи неколку фантастични интервенции, а по мечот 42-годишниот чувар на мрежата го собра и вниманието на новинарите. Во подтрибинскиот простор, легендарниот голман се појави со дрес од Милан во своите раце, и се пошегува пред камерите.

„Имам дресови од синовите на Киеза, Турам, Веа, Малдини - сега ги чекам внуците“, беа зборовите на Буфон, кој во рацете го носеше дресот на Даниел Малдини, син на легендарниот Паоло Малдини.

Возвратниот натпревар се игра на четврти март на „Јувентус Алијанс стадиум“ во Торино.