Брутално убиен фудбалер на Сао Паоло - телото обезглавено, а гениталиите отсечени

Даниел Кореа Фреитас, кој важеше за еден од најперспективните бразилски фудбалери, е пронајден мртов во бразилската сојузна држава Парана.

Според полицијата, тој бил убиен на исклучително брутален начин, неговото тело било обезглавено, а гениталии - отсечени. Се верува дека убиството било извршено во саботата вечер по локално време, а клубот ја потврди неговата смрт и излезе со соопштение со сочуство за семејство.

„Сао Паоло изразува длабоко жалење за прераната смрт на Даниел. Во овие моменти можеме само да бидеме поддршка за фамилијата“, стои во соопштението од клубот.

Засега не е познат сторителот на ова сурово дело и неговите мотиви. Инаку, телото на Фреитас било пронајдено во оддалечен дел од градот, каде што локалното население често наоѓало трупови.

Фреитас покрај за Сао Паоло настапуваше и за Ботафого, а минатата година како позајмен фудбалер играше во тимот на Сао Бенто.