• Горан Упале
Фудбалерите на Манчестер Јунајтед одново ги разочараа своите фанови и не победи ниту на гостувањето кај Борнмут, во последниот денешен натпревар во Премиер лигата (2-2).
- Извештај од натпреарот:
Самиот факт што Андре Онана досега има најмногу интервенции во Премиер лигата, е доволен показател за квалитетот на одбраната на „ѓаволите“ оваа сезона. Така беше и на „Виталити“, откако Борнмут по две грешки на противничката дефанзива дојде до предност на полувреме од 2-1. Во 16. минута, младиот Вили Камбвала се сплетка во дуел со Соланке и падна на тревникот, а домашниот напаѓач со сигурна реализација го отвори натпреварот (1-0).
Водството на „црешите“ не траеше долго, затоа што капитенот Бруно Фернандеш во 31. минута го совлада Нето и го врати својот тим во игра. Сепак, само пет минути подоцна одбраната на Јунајтед одново даруваше и Џастин Клајверт стрелаше за 2-1. До крајот на првиот дел Фернандеш имаше нова можност да погоди, но овој пат ја погоди пречката.
Но, португалскиот ас доби уште една шанса за израмнување и во 65. минута беше сигурен реализатор од белата точка за конечни 2-2. Со вечерашниот бод Јунајтед ги намали шансите во трката за Лигата на шампионите, бидејќи на шест кола до крајот на сезоната падна на седмата позиција, со десет бода негатива во однос на Тотенхем, кој е на петтото место.