Бронзата ќе биде утешната награда за Белгија или Англија на крајот на СП

Англија Белгија најава

Сите велат дека тоа е најтешкиот натпревар за кој играчите мора да се подготват. По поразите во полуфиналето, избраниците на Герет Саутгејт и Роберто Мартинез денес ќе истрчаат на теренот во Санкт Петербург во борбата за бронзениот медал на Мундијалот во Русија.

Мотивацијата ќе игра главна улога во исходот на денешниот меч, а на селекторите ќе им остане да се обидат да ги извадат последните атоми од силите на своите фудбалери на крајот од една долга сезона. Тоа ќе биде втор директен дуел на овие две репрезентации на светскиот собир, откако Белгијците славеа со минимални 1-0 во рамки од групната фаза.

Не се очекуваат големи промени во почетните состави, а Саутгејт и Мартинез ќе мора да ја состават екипата според физичката исцрпеност кај некои од играчите. Трката за „Златната копачка“ на првенството помеѓу Хари Кејн и Ромелу Лукаку би значела дека тие двајца со сигурност ќе започнат од првата минута. Моментално, Англичанецот има предност од два гола.

Пред овогодишниот пораз, „Гордиот албион“ немаше загубено на 21 натпревар против Белгија. Овие две селекции ќе го повторат достигнувањето на Бразил и Турција, кои се последните што се сретнале двапати во рамки на еден Мундијал. Последните искуства во мечот за трето место и за двата тима носат лоши сеќавања. Балгиската репрезентација загуби од Франција во 1986 година, а Англичаните од Италија четири години подоцна.

Обложувалниците повторно предвидуваат цврста игра и неизвесност, со конечна победа на репрезентацијата на Англија.