ВИДЕО: Бриж со 10 фудбалери го освои белгискиот Суперкуп за сметка на Стандард

Фудбалерите на Бриж го освоија Суперкупот на Белгија, откако со пресврт го победија Стандард со 2-1 (0-1) како најава за новата сезона во белгискиот шампионат. Стандард долго време водеше со голот на Хрватот Сантини во 39. минута, а од 41. минута имаше и човек повеќе по исклучувањето на Ванакен.

Сепак со 10 фудбалери тимот на Бриж направи комплетен пресврт и со головите на Колумбиецот Изкердо во 51. минута и на Вормер стигна до победа од 2-1 и голема радост. Посебно ефектен беше голот на Руди Вормер за победа.

Ова е 14. освоен Суперкуп за Бриж на тренерот Мишел Пруд Ом, прв по пауза од 11 години. Новата сезона од Жупилер ПРО лигата почнува во петок, а титулата ја брани тимот на Бриж.