• Горан Упале

Фудбалскиот клуб Пелистер се соочува со финансиска криза и загуби многу важни првотимци во пресрет на новата сезона од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), а заинтересирана компанија од Велика Британија сака да влезе и да ги купи акциите на клубот од Битола.
Компанијата „Максимо Десароло Лимитед“ со седиште во Лондон, Англија, веќе испрати понуда од Општина Битола за да ги откупи акциите на фудбласкиот колектив. Во писмото доставено до првата дама на градот, Наташа Петровска, стои дека оваа фирма сака да купи 75% од акциите на ФК Пелистер, додека останатите 25% може да ги добие партнер кој сака да влезе во проектот.
Истовремено, од фирмата од Британија бараат овластеност за трансфери, односно дозвола тие во целост да ги имаат во раце менаџирањето на клубот, носењето на нови спонзори, како и рекламниот простор на стадионот.
Проектот за ФК Пелистер барем на хартија изгледа ветувачки, затоа што од фирмата која го сака битолскиот прволигаш велат дека првата цел ќе биде шампионскиот трон во сезоната 2022/23 и место во квалификациите за Лигата на шампионите. Истовремено, се најавуваат и други проекти за Општина Битола, не само на фудбалски план, затоа што од компанијата ветуваат дека ќе инвестираат и на други места, а исто ќе направат се што е во нивна моќ да ги расчистат и актуелните долгови на „зелените“ и ќе го преземат клубот комплетно чист.
„Максимо Десароло Лимитед“ е компанија која работи со финансии од Велика Британија и е формирана во 2019 година, а веќе е раширена и низ други европски земји. Дел од неа според документацијата на интернет-страницата е македонската фудбалска легенда Артим Шаќири, кој во „мрежата“ стои како бренд-амбасадор.