• Иван Димовски
Фудбалерите на Брест запишаа втора победа во Лигата на шампионите и тоа убедлива на гости кај Салцбург од 0-4 (0-1). Домашната екипа на „Ред Бул Арена“ потфрли, иако отвори добро и потоа лесно прими голови за висок пораз од францускиот ривал.
- Салцбург - Брест 0-4:
На стартот на мечот имаше поништен гол за домашниот тим на Баидо поради офсајд. Во првото полувреме Брест успеа да дојде до предност преку Абдалах Сима во 24. минута. Се обидуваше Салцбург да се врати, имаше неколку шанси, а откако не успеа во вториот дел го стигна казната.
Со три погодоци во десет минути Французите дојдоа до огромен триумф. За удвојување на предноста во 66. минута погоди Камара, а пет подоцна Сима го даде својот втор погодок. Гол-шоуто го затвори Переира Лаге во 75. минута (0-4) и до крајот немаше резултатски промени. Ова беше втор триумф за Брест кој има перфектен старт во Лигата на шампионите.
- Штутгарт - Спарта Прага 1-1:
Во истиот термин се одигра и реми во Штутгарт, каде што домашната екипа одигра 1-1 против Спарта Прага. Поведе германскиот тим со 1-0 во седмата минута преку Милот, меѓутоа Каиринен во 32. израмни. До крајот на средбата мрежите мируваа и екипите мораа да се задоволат со по бод.