Брера Струмица ја зацврсти дефанзивата со Христијан Јанкулоски

Брера Струмица во втората полусезона ќе се потпре на младост, откако остана без главниот странски спонзор. Странските имиња заминаа од тимот, а клупата ја презеде Тони Атанасов.

Нов член на струмичкиот прволигаш е Христијан Јанкулоски кој доаѓа во Брера од редовите на Воска Спорт. Станува збор за 23-годишен стопер кој е роден во Австралија, а минатата зима првпат пристигна во мак-фудбалот и потпиша со Воска. 

Сезонава Јанкулоски не беше дел од плановите на охриѓани и забележа само еден настап и тоа од клупата за резервни фудбалери. Пред Воска Спорт, во Австралија ова момче беше дел од Стирлинг Македонија.

Брера претходно зимава ги доведе Мичел на позајмица од Работнички, Михаил Милевски од Новаци, Филип Михаилов од Тиквеш, Зоран Ивановски од Брегалница, а кон првиот тим беа приклучени и неколку младински фудбалери.