Брера под рефлектори ќе го пречeка Вардар во дербито во првото коло на ПМФЛ

Одморот заврши за македонските фудбалски професионалци. Викендов започнува новата сезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), а уште во првото коло ќе гледаме неколку интересни дуели, од кои еден ќе биде од вечерен термин.

Воведното коло од новиот шампионат ќе го затворат екипите на Брера Струмица и Вардар. Откако струмичкиот тим најави дека своите домашни натпревари ќе ги игра на „Благој Истатов“, можноста што ја нуди овој стадион, веднаш ја искористи. 

Така, дербито меѓу Брера и Вардар ќе се игра во вечерен термин, во недела со почеток од 20:00 часот. На идејата се согласи и Вардар, и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и носителот на ТВ-правата. Останатите натпревари ќе се одиграат исто така  в недела, но од 17:00 часот.  

Многу веројатно во вечерен амбиент и под рефлектори ќе се игра и дербито од второто коло меѓу Вардар и Пелистер, а покрај скопјани и струмичани, вечерни натпревари сезонава ќе гледаат и битолчани.