ВИДЕО: Брера по пенали го исфрли Арсими од Купот!

Фудбалерите на Брера Струмица подобро шутираа пенали од Арсими и со 4-3 (1-1) славеа во четвртфиналниот дуел од Купот на Македонија. Прволигашот поведе во првиот дел со голот на Габонецот Нзенгуе, меѓутоа Арсими се врати во игра преку Таипи и избори пенали. Струмичани имаа повеќе концентрација, промашија само еден удар од единаесет метри наспроти двата на ривалот и ќе играат полуфинале.

  • Головите од натпреварот:

Струмичани тргнаа поофанзивно од почетокот, а тоа рано го материјализираа со гол за 1-0. Течеше 16. минута кога Фахд Нзенгуе доби топка преку одбраната, го забележа истрчаниот голман и го лобува за предност на Брера. Имаа домашните набргу уште две шанси преку Олаесебикан и Кагиму, ама резултатот не се промени. За Арсими шанси имаа Гафури и Георгиев, ама голманот Вргов ја сочува својата мрежа. Во вториот дел од полувремето темпото на игра опадна и на пауза се замина со предноста на струмичани од 16. минута.

Во вториот дел Арсими успеа да се наметне и да притисне, па тоа на крајот вроди со плод пред завршницата. Течеше 78. минута од средбата, уфрлување од десната напаѓачка страна стигна до Албан Таипи, а напаѓачот на второлигашот одлично се снајде и го отвори стапалото. Ударот не беше многу силен, ама беше доволен за да го измами Вргов кој беше прекраток и Арсими израмни на 1-1. Во финишот на средбата се влезе претпазливо и екипите веќе се насочија кон пеналите. Тренерот на струмичани Атанасов дури реши и да смени голман, па во игра влезе 17-годишниот Давид Илоски на местото на Славе Вргов. 

Првата серија мина без грешка со головите на Цуцули и Ѓорѓиевски, а потоа младиот Илоски успеа да го скроти пеналот на Белули. Веднаш потоа ударот на Талески го фати Ислами, а третиот изведувач на Арсими промаши цел гол, па Брера поведе преку Нзенгуе (2-1) по три серии. Сигурен за гостите беше Рамадани со добро изведен пенал, но и Ивановски стрелаше за ново водство на струмичани од 3-2. Во последната серија израмнување донесе Гафури, ама Велков со перфектен пенал донесе полуфинале за Брера.

  • Пенал серијата меѓу Брера и Арсими:

Во полуфиналето Брера ќе игра против Вардар, Шкендија или Струга Трим Љум.