• Зоран Мишевски

Фудбалерите на Пелистер конечно победија во ПМФЛ по пауза од осум кола, дома пред своите навивачи против Брера Струмица со минимални 1-0 (1-0). Битолскиот прволигаш последен пат триумфираше на 25 август против Шкупи, а оттогаш досега слави само против Тетекс во Купот и на пријателските средби со Престон и Динамо Букурешт. Оваа победа е прва за новиот тренер на битолчани во петтиот официјален натпревар. Лидер на битолчани беше Стефан Спировски, кој одигра комплетен натпревар, исполнет со квалитет и квантитет.
Милан Стојановски го повтори стартниот тим од дербито со Вардар и шанса му даде на младиот Јован Мрмачовски од првата минута. На спротивната страна Алоѓозовски менуваше со сите линии и почна само со Нзенгуе во нападот. Домаќините се наметна и повеќе ја имаше топката во своите нозе во раната фаза. Првата закана беше ударот со глава на Петар Петковски по центаршутот на Мрмачовски од левата страна, но напаѓачот од непосредна близина го префрли голот на Илоски.
На средина од првиот дел битолчани поведоа и тоа по слична акција, но од десната страна. Лука Булатовиќ центрираше, на втора статива натрча Вилдан Керим и со глава ја втурна топката во празната мрежа (1-0). Следеше реакција на струмичани и удар на Нзенгуе четири минути подоцна, но Јовчевски интервенираше.
Во втората половина од полувремето следеше збркана игра, многу грешки и уште неколку шанси за пелистерци. Двапати по корнери можност за прв гол во новиот дрес имаше дефанзивецот Здравковиќ, но најнапред од пет метри беше изблокиран, а потоа малку задоцни да бие со глава. Од првиот дел го издвојуваме и ударот на Ѓорѓе Белиќ од далечина, кој заврши малку преку пречката.
На стартот на вториот дел пелистерци го притиснаа гостинот, а првата поголема закана дојде по корнер. Стефан Спировски на прва статива добро ја зафати топката со глава, топката имаше добар лет, ама заврши малку над пречката. Следуваше уште една поголема шанса, Ристовски добро центрира во срцето на шеснаесетникот, а Петар Петковски од неколку метри со млак удар по средината погоди во голманот Илоски. Брера покажа знаци на живот откако во една акција Нзенгуе ја смести топката во домашната мрежа, ама беше во недозволена позиција. На спротивната страна по корнер на Спировски добар удар со глава упати Белиќ, ама заврши малку до стативата. Се обиде и Булатовиќ за пелистерци со удар по земја крај голот. За Брера следната шанса ја имаше Величковски по центаршут од Нзенгуе, но со глава не погоди во рамките на голот.
До крајот на мечот резултатот остана непроменет, а Пелистер впиша круцијални бодови во борбата за опстанок. Сега битолчани имаат 11 на десеттата позиција, а Брера остана на 16 и е шестопласирана.


