Брера не се откажува, ќе игра во ВМФЛ и во младинските категории!

Академија Пандев Брера Струмица официјално потврди дека и во следната сезона ќе продолжи да се натпреварува со сениорскиот тим во Втората македонска фудбалска лига, паралелно со настапите на младинските категории кои и понатаму ќе бидат еден од главните столбови на клубот.

Од струмичани истакнуваат дека настапот во Втората лига ќе претставува одлична можност за развој и афирмација на младите фудбалери, кои во изминатиот период покажаа дека клубот располага со огромен потенцијал и квалитет.

Доказ за успешната работа е и историскиот успех на младинските екипи, кои сезонава ја освоија двојната круна во своите натпреварувања. Благодарение на тие резултати, АП Брера по вторпат во својата историја ќе настапи во младинската Лига на шампиони на УЕФА.

„Ова е потврда за правилната работа, посветеноста на управата и стручниот кадар во развојот на младите таленти. Нашите момци покажаа карактер, квалитет и победнички менталитет“, велат од клубот.

Воедно, од Брера потсетуваат дека во нивниот систем активно функционира младинска школа со повеќе од 300 деца, кои секојдневно тренираат и се натпреваруваат.

„Тие се иднината не само на нашиот клуб, туку и на македонскиот фудбал. Токму затоа се наша најголема мотивација за нови успеси и долгорочен развој“, додаваат од струмичани.

Во наредниот период клубот ќе биде фокусиран и на дополнителна реконструкција и организација на младинската школа, со цел создавање уште подобри услови за работа и напредок на младите фудбалери.

Брера најавува дека ќе продолжи да инвестира во сопствениот кадар, но и дека вратите остануваат широко отворени за сите млади фудбалски таленти кои сакаат да бидат дел од клубот и неговата визија за иднината.